Cara Soror
Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон.
Ме известуваш дека Ревносен Истражувач од твојата околина те замолил да му ја објасниш разликата помеѓу А.’.А.’. и О.Т.О.; и дека иако твојот ум е совршено бистар околу тоа, сметаш дека е невозможно да се индуцира слична луцидност во неговиот ум. Додаваш дека тој не е идиот (како што би можело отпрвин да се претпостави). И дали јас можам да сторам нешто околу тоа?
Па, овде е есенцијалната разлика ab ovo usque ad mala *:
А.’.А.’. се однесува на поединецот, неговиот развој, неговата иницијација, неговото чекорење од “Студент” до “Ипсисимус”; тој нема никаков контакт со ниедна личност, освен со Неофитот, кој го воведува, а кога ќе стане самиот Неофит, со Студентот или Студентите, кои тој ќе ги воведува. Деталите на овој “Аџиски Прогрес” се потполно изнесени во Една ѕвезда на видикот; треба да сум навистина глупав и дрзок, па да се обидам подобро да објаснам од тој документ. Меѓутоа, што се однесува до О.Т.О., вистина е дека не постои сличен прирачник со инструкции. Во Манифестот и во другите Службени Објави постојат нешта, што би требало да се адекватни податоци; но потполно сфаќам дека не се средени, класифицирани, како што би сакале; сигурно е дека се уште постои простор за едноставен основен приказ на потеклото на Редот, неговите принципи, методи, форми, Доблеста на последователните Степени. Тоа ќе се обидам да го изнесам барем во основни црти.
Да почнеме од почеток. Што е Драмски Ритуал? Тоа е свеченост за Доживувањата на Богот, којшто планираме да го повикаме (Совршен пример на ова е Бакхе од Еврипид). Значи, во О.Т.О. целта на церемониите е Иницијацијата на Кандидатот, па според тоа, Кандидатот е тој, чиј Пат во Вечноста е прикажан во драмска форма. Каков е Патот?
1. Егото е привлечено кон Соларниот Систем.
2. Детето искусува Раѓање.
3. Човекот искусува Живот.
4. Тој искусува Смрт.
5. Тој го искусува Светот над Смртта.
6. Целиот овој циклус од Сингуларни Настани е вовлечен во Анихилација.
Во О.Т.О. овие последователни фази се прикажани, како што следува:
1. 0o (Минервал).
2. Io (Иницијација).
3. IIo (Посветување).
4. IIIo (Преданост).
5. IVo (Перфекција или Егзалтација).
6. P.I. (Потполн Иницијант).
Од овие Настани или Станици на Патот сите, освен три (IIo) се единствено критично искуство. Меѓутоа, ние главно се занимаваме со многуте разновидни искуства на Животот.
Според тоа, сите следни Степени на О.Т.О. се разработување на IIo, зашто е невозможно во една церемонија да се скицира, дури и во најзбиена форма, Учењето на Иницијантите во однос на Животот. Поради тоа Ритуалите Vo – IXo се упатства за однесување на Кандидатот; а тие постепено му пренесуваат Магиски Тајни, кои го прават Мајстор на Животот. Неумесно е да се открие природата на овие церемонии; прво, затоа што нивните Иницијанти се обврзани со најстроги заклетви да не го направат тоа; второ, затоа што изненадувањето е еден од елементите во нивната ефикасност; и трето, затоа што Магиските Формули, кои се експлицитно или имплицитно содржани во церемониите, од практична гледна точка, се моќни и опасни. Точно е, тие се автоматска заштита; но првокласен Црн Магичар може да најде начин за да ги совлада овие пречки и да направи големи штети на другите, пред да го уништи повратниот удар од неговата артилерија.
Такви случаи ми се познати. Дозволи ми кратко да прераскажам една мошне очигледна несреќа. Младичот беше гениј – и тоа беше неговата пропаст. Тој поседуваше талисман со енормна моќ, кој се покажа дека е токму тоа што ќе му ги исполни најдрагите желби на срцето. Нему, исто така, му беше познат начинот на негово активирање; но тој начин му изгледаше прилично долг и тежок. Така, тој го одбра пократкиот пат. Употребувајќи вистинско силеџиство врз талисманот, тој увиде како може да го присили за да ги оствари неговите намери; тој употреби формула потполно туѓа на духот на целата операција; тоа наликуваше на извлекување информации од затвореник преку тортура, додека стрпливата љубезност би била правилен метод. Така тој ја урна портата и го доби она што го сакаше. Но, дури го испиваше пехарот, нектарот се претвори во отров и неговото претходно патење се претвори во апсолутно очајување. Потоа дојде до враќање на струјата и го доведе до “мало ментално растројство”. Најпрецизна дијагноза!
Те молам забележи, сестро драга, дека вистинската Магиска Операција никогаш не е “спротивна на Природата”. Таа мора да се одвива рамномерно и мирно во согласност со Нејзините закони. Човек може да воведе надворешни енергии и насилно да предизвика ендотермна реакција; но – “Врвот на Пајк или пропаст?” – Одговорот секогаш ќе биде Пропаст!
Да се вратиме за момент до прашањето за Тајноста: не постои правило, кое би те спречило да наведеш против мене, една од моите паметни забелешки, како што е: “Таинственоста е непријател на Вистината”; но затоа сум, а и отсекогаш сум бил, лидер на крајната Левица во Советот- Комората на Градот на Пирамидите, така што, иако се согласувам со тајноста на системот на О.Т.О., сe додека е во прашање “тајната над тајните” на IXo степен, тоа навистина е работа на лична чест. Мојот завет му беше даден на покојниот Frater Superior и O.H.O, (Outer Head of the Order) Д-р Теодор Ројс. Поради сето тоа, во овој посебен случај, не се работи за обична претпазливост; поради тоа што злоупотребата на тајната, барем наизглед, е многу лесна и примамлива и затоа што ако тоа стане општопозната работа, самиот Ред може да биде клеветен и прогонуван; зашто таа тајна полесно е погрешно да се протолкува, отколку да се профанизира.
Lege! Judica! Tace!
Љубовта е закон, љубов под волја.
Братски, 666
(*) прев. лат. од јајце до јаболка т.е од првото до последното јадење на римскиот ручек; од почетокот до крајот: Хорациј.