Опасности од мистицизмот

Опасности од мистицизмот

“Срдечно Посветено На Артур Едвард Вејт”[1]

НЕОБИЧНА идеја упорно се шири, и се чини добива поддршка, дека мистицизмот е “Безбедна” Патека до Највисокото, а пак магиката е опасниот пат кон најниското.

Треба да се дадат неколку коментари по повод ова тврдење. Може да се сомневаме дали воопшто некоја вредна работа е безопасна, и може да се чудиме каква опасност може да му се закани на човекот чија цел е неговото сопствено и целосно уништување. Може, исто така, малку заканувачки да се насмевнеме на интегритетот од оние, кои се обидуваат да ја вклучат сета Магика под Црна Магика, каков што е тековниот трик на Мистичниот Милитант овде на земјава.

Сега, бидејќи можам да се повикам на некаква запознаеност со литературата од обете патеки, и бидејќи бев почестен со лично разјаснување од адептите на двете патеки, верувам дека сум во состојба да ги донесам во некаква праведна рамнотежа.

Магиската теорија е дека првичното заминување од Бесконечното мора да биде урамнотежено и на тој начин поправено. Така “големиот Магичар,” Мајан, творецот на Илузии, Создателот, мора да биде сретнат во борба. Тогаш “ако Сатаната е поделен против Сатаната, како би опстојало неговото кралство?” Двајцата исчезнуваат: илузијата повеќе ја нема. Математички, 1 + (-1) = 0. И оваа патека во Таротот е симболизирана преку фигурата на Магусот, картата обележана со 1, првичното заминување од 0-та, но се однесува на Бет, 2, Меркур, богот на Мудроста, Магиката и Вистината.

Овој Магус има двоен аспект како и самиот Магичар и исто така како “Големиот Магичар” опишан во Liber 418 (Рамноденица, Бр. 5., Специјален Додаток, стр. 144).

Формулата на мистикот е многу поедноставна. Математички, таа е 1 – 1 = 0. Тој е како зрно сол фрлено во морето; процесот на растворање е очигледно полесен отколку судирот на световите за кој контемплира магичарот. “Седни, почувствувај се како прашина во присуството на Бог; не, како помалку од прашина, како ништо,” е сè-задоволителната едноставност на неговиот метод. За жал, многу луѓе не го можат ова. А кога ја поттикнувате својата неспособност, мистикот многу веројатно само ќе слегне со рамениците и ќе заврши со вас.

Оваа патека е симболизирана преку “Будалата” од Таротот, кој е како Мистикот и Бесконечното.

Но настрана од ова прашање, тоа воопшто не значи дека формулата е толку едноставна како што изгледа. Како мистикот да се осигура дека “Бог” навистина е “Бог” а не некој демон што се преправа во Неговата слика? Гледаме дека Герсон го жртвувал Хус на својот “Бог”; гледаме современ новинар кој направил повеќе од чепкање низ мистичните списи, “Овој мистичен живот во својот највисок дострел е неоспорно себичен”; гледаме друг кој пишува како старата дама која заврши со својата критика на Универзумот, “Постои само Џок и ќе бидеме спасени; но не сум толку сигурна за Џок”; гледаме друга што на возраст од деведесет и девет години се пени од устата околу наводни прекршувања на нејзините авторски права; гледаме друг кој е толку чувствителен што самото споменување на неговото име од страна на авторов предизвикува епилептичка манија; ако таквите се навистина “соединети со” или “апсорбирани во” Бог, што е со Бог?

Во Галатјаните се вели дека плодовите на Духот се мир, љубов, радост, долготрпение, нежност, добрина, верба, тивкост, умереност; а на други места, “По нивните плодови ќе ги познаеш.”

За овие злобници тогаш мора или да мислиме дека се нечесни, и никогаш не постигнале ништо, или дека се соединиле со ѓавол.

Такви се “Браќата од Левата Патека,” толку темелно опишани во Liber 418 (Рамноденица, Бр. 5., Специјален Додаток, страници 119 “итн.”).

За нив најкарактеристичен знак е нивната ексклузивност. “Ние сме луѓето.” “Нашиот е единствениот Пат.” “Сите Будисти се расипани,” лудилото на духовната гордост.

Магичарот ни приближно не е толку подложен да пропадне во ова страшно мочуриште на гордост како што е мистикот; тој е окупиран со нешта кои се надвор од него и може да ја корегира својата гордост. Навистина, тој постојано е корегиран од страна на Природата. Тој, Големиот, не може да истрча една милја за четири минути! Мистикот е осамен и затворен, му недостасува здрава битка. Сите ние сме ученици, а фудбалското игралиште е совршено превентивно средство за подуената глава. Кога мистикот сретнува пречка, тој “се преправа” во врска со неа. Тој вели дека тоа е “само илузија.” Тој го поседува морфино-манијачкото чувство за bièn-être,[2]налудничавоста на општиот паралитичар (парализиран). Тој ја губи моќта да погледне некој факт в лице; тој се исхранува со сопствена имагинација; тој се убедува себеси за сопственото постигнување. Ако му се противречи на оваа тема, тој е намрштен, зајадлив и ироничен. Ако го критикувам господинот X, тој вреска, и се обидува да ме повреди зад грб; ако речам дека госпоѓата Y не е баш Света Тереза, таа пишува книга да ми докаже дека е.

Таквите лица “надуени со ветар, и магла од рангови во која се влечат, скапуваат навнатре, и шират гадна зараза,” како што Милтон напиша за понеопасната група на духовни водичи.

За нивните несреќни следбеници и имитатори, не постојат доволно зборови за сожалување. Сиот универзум за нив е само “стакло од нивното будалесто лице”; само што, за разлика од Сер Паламед, тие му се восхитуваат. Морални и духовни Нарциси, тие исчезнуваат во водите на илузија. Еден мој пријател, адвокат за недвижнини во Неапол, ми раскажа чудни приказни за тоа каде завршува ваквото само-обожавање.

А суптилноста на ѓаволот особено е прикажана во методот преку кој ваквите неофити се фатени од страна на Црните Браќа. Постои претерана стравопочит, свеченост во дикција, суета од архаични фрази, лажен превез на светост на нечистото светилиште. Извештачена афектација се преправа како достоинство; турли-тава од средновековие имитира длабочина; жаргонот поминува како литература; филактерии нараснуваат околу фалтите на совршениот морализатор, конзервативен, и Фарисеј.

Последица на овој став е недостигот од секаква човечка доблест. Големиот магичар, кога дејствува во својот човечки капацитет, дејствува како што би правел човек. Особено, тој научил добродушност и сочувство. Несебичноста многу често е негова следбеничка. Токму ова му недостасува на мистикот. Обидувајќи се да ги апсорбира пониските планови во повисокиот, тој ги занемарува пониските, грешка која ниеден магичар не може да ја направи.

Монахињата Гертруда, кога бил нејзин ред да ги измие садовите, објаснувала дека и е многу жал, но во тој особен момент таа се венчава, со полна хорска придружба, за Спасителот.

Стотици мистици се затвораат себеси целосно и засекогаш. Не само што нивната способност за производство на добра е загубена за општеството, туку исто така и нивната љубов и добра волја, и најлошо од сè, исто и нивниот пример и поука. Христос, на врвот од својата кариера, наоѓал време да ги измие нозете на своите следбеници; секој Мајстор што не го прави ова на секој план е Црн Брат. Хиндусите не почитуваат човек што станал “санјаси” (слично на нашиот “пустиник”) додека верно не ги исполнил сите свои должности како човек и граѓанин. Целибатот е неморален, и целибатот /од мрза/ одбегнува една од најголемите тешкотии на Патеката.

Чувајте се од оние кои ги избегнуваат нижите тешкотии; многу веројатно е дека тие ги избегнуваат и вишите.

Овде нема простор да се пишува за специјалните опасности на патеката; секој студент при секој свој чекор открива искушенија кои ги рефлектираат неговите особени слабости. Затоа се задржав само на опасностите кои се неодвоиви од самата патека, опасности инхерентни во нејзината природа. Ниту за момент нема да побарам од најслабиот да се сврти назад или да ја напушти патеката, но ќе побарам дури и од најсилниот да ги примени овие корективи: првин, скептичниот или научен став, и во погледи и во методи; второ, здрав живот, под тоа подразбирам она на што се мисли преку атлетот и истражувачот; трето, срдечна човечка дружба, и посветеност на животот, работата, и должноста.

Нека биде запаметено дека унца чесна гордост е подобра од тони лажна понизност, иако унца од вистинска понизност вреди како и унца чесна гордост; човекот што работи нема време да се заморува и со двете. И нека се запамети Христовата изјава за Законот “да се љуби Бог со сето свое срце, а ближниот како себеси.”

Алистер Кроули

——————————————————————————–

[1][Рамноденица Том I, Бр. 6, стр. 153-157.Заб. Fra.S.]

[2][добробит.Заб.Fra.S.]

Back To Top