Ајда Кредок: Сексуална Мистичарка

Ајда Кредок: Сексуална Мистичарка

Ајда Кредок: Сексуална Мистичарка

и Маченица за Слобода

од Vere Chappell, GTG

Презентирано на Втората Национална Конференција на О.Т.О.

7 август, 1999 e.v.

Во Том III Број 1 од Еквинокс (објавен во 1919), Алистер Кроули го ревидирал документот што е наречен Небески Младоженци[1]. Во ова дело, жената што е идентификувана како „Ајда К…..“ тврди дека била жена на ангел. Стручњакот Теодор Шредер го уредил ракописот и го објавил во психолошки журнал, па на тој начин очигледно го привлекол вниманието на Кроули. Во рецензијата Кроули наведува дека Небески Младоженци е еден од најзначајните човечки документи што некогаш бил напишан. Тој продолжува:

„Далеку од тоа дека се согласувам со сè она што оваа најталентирана жена го има изнесено во нејзиниот документ, но сигурно е дека таа има стекнато исклучително длабоко иницијантско знаење. Изгледа дека таа имала пристап до извесни најскриени светилишта….Таа ги запишала своите размисли со едноставен јазик и тие причинуваат позитивно зашеметување. Оваа книга е од непроценлива вредност за секој студент на окултното. Ниедна Магичка библиотека не е комплетна без ова дело“.

Ова е значајна поддршка од Кроули, а можеби е уште позначајно што тој ја потпишал рецензијата со Бафомет, користејќи го своето магиско име од Десеттиот Степен на О.Т.О.

Отприлика пет години подоцна, во својот неавторизиран Том V од Еквинокс, Марчело Мота го објавил Небески Младоженци заедно со друго дело од „Ајда К…“ наречено Психичко Сопружништво[2]. Во последниов документ е скициран тристепен систем на мистична иницијација преку сексуални техники. Тој бил напишан околу 1895 год., кратко пред основањето на О.Т.О., кој исто така е заснован на сличен модел што вклучува три степени на иницијација во сексуалните мистерии. Мота  вклучил и кратка биографија за авторката, од која дознаваме дека нејзиното целосно име е Ајда Кредок. Меѓутоа, освен овие упатувања на Мота и на Кроули, ништо друго за госпоѓицата Кредок и за нејзините дела не се појавило во печат, особено во Телемитските кругови каде изгледа сигурно дека тие имале голема важност.

Инспириран од овие упатувања, Братот Ерик Фриман од Ложата LVX, се решил да открие повеќе за Ајда Кредок. Дали таа била само луда и заблудена дека има секс со ангели, како што смета Шредер или пак таа имала некаква врска со истите извори на иницијантска мудрост, кои влијаеле врз основачите на нашиот Ред. Нашите истражувања не одведоа во Специјалните Збирки на Универзитетот во Јужен Илиноис, кој стана складиште за собраните дела на Теодор Шредер по неговата смрт. Таму случајно откривме богатство од дневници, ракописи, памфлети, писма и друг материјал што ни даде многу значаен увид за оваа фасцинантна и исклучителна жена.

Ајда Кредок била родена во Филаделфија на 1 август 1857. Нејзиниот татко умрел кога таа имала четири години. Нејзината мајка многу се интересирала за спиритуализмот и окултното, но по смртта на таткото од Ајда, таа станала фундаменталистичка христијанка и ја одгледала Ајда со екстремна пуританска дисциплина. Ајда била подвргната на интензивен религиозен тренинг и научила да ја чита Библија од најрана возраст. Како резултат на тоа, оваа млада потчинета жена одраснала со засилен интерес токму за работите кои и биле најзабранети во нејзиното детство: имено, сексуалноста, окултизмот и слободата воопшто.

Но Ајда била пред своето време уште пред да почне активно да се занимава со овие забранети теми. Таа била многу интелигентна и амбициозна, а тоа се квалитети кои не биле баш омилени кај жените во раниот 19-ти век. Учествувала во кампањата за да им се дозволи на жените да бидат примени во Универзитетот на Пенсилванија и веројатно ќе била негов прв женски дипломец, доколку одлуката отпосле не се променила. Таа отишла на Колеџот Жиро во Филаделфија да ги подучува жените на стенографија и напишала стандарден прирачник за таа тема, што бил објавен кога таа имала само 18 години. Преку подучувањето на младите жени на оваа пазарна вештина, таа им давала шанса за самовработување и со тоа им овозможувала поголеми прилики за независност и самостојност. Ова нешто, само по себе, било радикална идеја за Америка во 1880-тите.

Ајда започна да се занимава со окултизам некаде околу 1887, во периодот кога полнеше 30 години. Во ова време Теозофското друштво (основана во 1875) беше водечки промотер на окултните науки, па Ајда започна да посетува теозофски предавања во локалната Унитарна црква. Исто така, таа започна да чита и проучува огромен материјал на окултни тематики, судејќи по самата ширина и длабочина на знаењето што е изложено во нејзините списи. Таа цитира сѐ, од библиски и еклезијастички извори, преку хиндуски и грчки филозофи, па се до современи академици и окултисти. Неодамна преведената Раџа Јога од Вивекананда беше исто така, искористена во многу дела од Ајда и во еден момент таа се наведува себеси како „Свештеничка и Пасторка на Црквата на Јога“, еден од теозофските ограноци.

Според Шредер, меѓу 1889 и 1891 Ајда имаше „забранети“ сексуални врски со двајца различни мажи (односно, таа имаше секс со мажи со кои не беше омажена). Првиот маж беше помлад од нејзе и очигледно не бил многу задоволителен љубовник. Вториот маж, бил нешто постар од Ајда и наводно бил добро упатен во техниката на Кареца или способноста да се задржува ејакулацијата. Тој никогаш не бил именуван од Шредер, но бил опишан како бивш свештеник и „еретички мистик“, па веројатно бил запознат со Ајда преку теозофските кругови. Неговата сексуална вештина ја довела Ајда до дотогаш неоткриени висини на сексуална екстаза, за разлика од нејзиниот друг љубовник кој го изведувал чинот на „нормален“, конвенционален начин.

За Ајда, која страдаше од прекумерна потиснатост, ова откритие беше вистинско божествено откровение. Таа започна да ја проучува езотеричната сексуалност, комбинирајќи го своето обемно знаење од фолклорот и митологијата со различните извори од окултниот свет, вклучувајќи ги П.Б. Рандолф и Алис Банкер Стокхем. Во текот на овој период постоеше растечки тренд на зголемена сексуална свесност и отворено дискутирање за сексуалноста во општеството. Бартон ги донесе од Индија преводите на Кама Сутра и Ананга Ранга, а Хевлок Елис започна да ги применува научните принципи во студијата на сексуалноста. Ова беше првата сексуална револуција, далеку пред 1960-тите, кога западниот свет започна да излегува од викторијанската претерана пристојност и отворено и објективно да го проучува сексот за првпат.

Во нејзината масивна студија на религиозната сексуалност, насловена како Лунарно и Сексуално Обожавање[3], Ајда тврди дека „Месечината е подревно божество од Сонцето, па оттаму била прифатена како супериорна над сончевиот бог. Сончевиот бог, како претставник на подоцнежната религија, можел да триумфира само откако ќе добиел нејзино одобрение“. Оваа теорија многу потсетува на Кроулиевите описи за Еоните на Изида и Озирис. Во развивањето на нејзината теза таа наведува огромна количина на извори, вклучувајќи асирски, вавилонски, хиндуски, ирски, грчки, нордиски, еврејски, христијански, исламски, кинески, египетски, африкански, да наведеме само некои. Таа продолжува и понатаму на повеќе од 100 отпечатени страници со формат 22 х 36 см[4].

Во друго дело насловено како „Сексуално Обожување (Продолжение)“, Ајда тврди дека симболот на крстот (не само оној што има важна улога во христијанство, туку и оној што е откриен во другите култури и религии на светот) во основа е симбол на сексуално соединување и неговото сеприсутно обожавање е одраз на универзалното обожавање на сексуалниот инстинкт како суштинска подлога на секоја религија.

Вториот љубовник на Ајда случајно бил водач на Национална Либерална Лига, организација која силно била поврзана со движењето за Слободна Мисла од крајот на векот. Ајда добила работа како секретар на Лигата и подоцна се зафатила со каузата, да промовира социјални реформи преку ослободување од угнетувачките морални прописи и стеги. Посебно, таа се посветила на законскиот статус на американските мажени жени кои, како што знаела од свое искуство, не го остварувале својот целосен потенцијал на брачната среќа; или уште полошо, кои страдале во рацете на своите сопрузи, а тие ни најмалку не се грижеле за чувствата или потребите на своите сопруги кога бил во прашање сексот. Ајда ја навела следната сторија што ѝ ја раскажала медицинска сестра, негувателка на млада родилка, која го имала првото породување:

Пациентката имала големо расекување при породувањето. На вториот ден по породувањето, додека сестрата го негувала бебето, влегол сопругот и побарал сестрата да ја напушти собата. „Жити Бога сестро не ме оставај!“ извикнала болната жена. Сепак, погледот од сопругот ја натерал сестрата да се покори. Кратко потоа, таа ја слушнала својата пациентка како вреска „Ох по ѓаволите убиј ме!“ Тогаш сестрата се втурнала и го затекнала сопругот како ја силува сопствената жена. Сестрата го фатила за рака и се обидувала да го оттргне; но тој не се откажувал се дури не завршил, а потоа, смуртено, дозволил да биде изведен од собата, сиот облиен во крв. Во меѓувреме, родилката се онесвестила. Кога се повратила, таа извикнала „Ох Господе, би сакала да родев девојче и да умрев! Тој човек вети на нашата венчавка дека ќе ме почитува, љуби и заштитува; но секоја ноќ оттогаш, тој го користеше моето јадно тело!“

Ајда беше убедена дека непознавањето на основните факти  за сексот е главната причина за повеќето несреќи во општеството. (Јас целосно се согласувам со неа. Исто така, верувам, дека ова е точно и ден денес, како што било точно отсекогаш.) Таа патувала во Чикаго, Вашингтон, Филаделфија, Денвер и Њујорк и држела предавања насловени како „Остатоци од Сексуалното Обожување во Христијанството и Паганизмот“ и „Што направи Христијанството за Брачните Односи“. Истовремено обезбедуваше сексуално советување во мала канцеларија на Диаборн стрит во Чикаго. Оние кои беа прескромни за да ја посетат лично, можеле да се запишат на нејзините курсеви што биле испраќани преку пошта.

Потоа таа напиша серија од памфлети кои во суштина беа брачни прирачници, насловени како „Брачна Ноќ“, „Брачен Однос“ и „Правилно Брачно Живеење“. Во овие прирачници, таа ја нагласуваше сексуалната самоконтрола и тврдеше дека присилниот секс со сопругата без нејзина желба е еднаков на силување – прилично радикално мислење за тоа време. (За несреќа дури и во денешниве „просветлени“ времиња овој концепт сеуште не е сосема универзално прифатен.) Ајда препорачуваше сексот да трае најмалку половина час до 1 час со цел да се дозволи доволно време за женскиот организам; несомнено ова беше прилично алармантно за повеќето сопрузи на кои им беа наменети овие памфлети! Како извадок од „Брачната Ноќ“, еве го нејзиниот совет за нововенчаните двојки на нивниот меден месец:

Најпрво што треба да имате на ум е дека Природата така ги уредила работите што мажот е секогаш спремен (по правило) за општење, додека жената не е; па оттука крајно немудро е за мажот да ги забрзува работите преку искажување желба за генитален контакт во момент кога жената сѐ уште не е сексуално возбудена. Треба да запаметите дека органот со кој толку оправдано се гордеете не е присутен кај жената и дека таа е крајно неука за неговите функции, практично сѐ дури не искуси сексуален контакт; и дека за жената која не сака да искуси таков контакт, самиот чин наликува на грозотија. Дури и кога жената имала пријатни искуства на генитален контакт, таа бара секој пат да биде љубовно возбудена, пред тој орган, во својата активна состојба, да ѝ стане привлечен; бидејќи ако мажот ѝ го покажува својот орган спремен за акција, дури и на неискусна жена, кога таа не е љубовно возбудена, тогаш тој по правило не е сексуално привлечен за неа; напротив тој е честопати сексуално одбивен и при паузите дури и одвратен. Секоја жена знае од искуство дека кога е спремна, таа може сексуално да го активира мажот доволно брзо.

Доколку ова важи за жената што имала пријатни генитални искуства, тогаш колку повеќе, погледот или допирот на онаа очигледна грозотија кај мажот ќе ја шокира и ужасне неискусната млада невеста!

Сепак, ако сте внимателен, трпелив, љубовнички и џентлменски настроен и не барате прекумерно да ги забрзувате работите, ќе откриете дека Природата ги уредила нештата за вас на најделикатен и најубав начин. Доколку најпрво ги задоволите прималните т.е. најважните страсти на жената, кои се нежни и мајчински (бидејќи типичната жена изразува мајчинска грижа кон мажот што го сака) и доколку ја бакнувате и милувате на нежен, деликатен начин, исполнет со почит, особено кај грлото и градите, тогаш ќе откриете дека постепено (можеби не првата или втората ноќ, ами штом се привикне на необичноста од интимноста) заради рефлексната реакција од градите на гениталиите, успешно ќе возбудите кај нејзе нејасна желба за преплетување на нозете и за сѐ поблизок контакт, сѐ дури не се стопите во заемна прегратка кај гениталиите на совршено природен и благопријатен начин; тогаш ќе откриете дека нејзините гениталии се добро навлажнети со секрет од нејзините бартолинови жлезди, а веројатно и од нејзината вагина, па на тој начин вашата пенетрација може постапно да се изведе без да и причините болка, ами ќе биде проследена со силен восхит, заради кој ќе ве повикува повторно и во идна прилика.

Овој пристап, очигледно е дека бил директно спротивставен на тогашната култура на машко-доминантните ставови поврзани со брачните „права“ на мажот и брачните „обврски“ на сопругите. Освен тоа, директното и отворено дискутирање за сексуалните работи било навредливо за моралистите, кои настојувале да го контролираат ширењето на пороците преку потиснување на секакво јавно расправање за сексуалните тематики. И покрај тоа, нарачки за памфлети се слевале од благодарни сопруги, прогресивни парови и многу лекари кои забележале значајни подобрувања на целокупната психолошка добросостојба кај своите омажени пациенти.

Исто така, постоеше и друг проблем: како Ајда може да подучува и пишува со толку добра компетентност за сексуалните теми, кога таа не била омажена? Најпосле, ако општеството треба да ја смета за почитувана жена (чие мнение е достојно за размисла), тогаш штом не е мажена значи дека никогаш немала секс. Ајда се справила со ова прашање на директен начин во „Небески младоженци“, напишано во 1894. Во ова дело таа признава дека има сексуално искуство, но инсистира дека таа не е омажена за која било жива личност. Нејзиниот маж е ангелот именуван како „Соф“, кој ја посетува ноќе за да имаат секс и за да и го предаде нејзиното просветление преку божествено вдахновен систем на сексуални иницијации, кои се детализирани во нејзиното следно дело Психичко Сопружништво. Поголемиот дел од делото е посветен на оправдување на ваквата афера, дека е совршено возможна и морално прифатлива; најпосле, зар не беше самата Дева Марија забременета од „небески младоженец“?

Документот насловен како Психичко Сопружништво е од особен интерес за нас во О.Т.О., бидејќи опишува тристепен систем на иницијација по сексуален пат. Првиот степен, кога Ајда го именува Алфаизам, повикува на развој на самоконтрола. Особено „е забрането сексуалното соединување, освен ако единствената цел на тој чин е создавањето на дете“. Во вториот степен, што е наречен Дијанизам, „се налага сексуално општење со апсолутна самоконтрола и аспирација кон највисокото“. Ова се остварува во две фази: најпрво, преку учење како да се одложи ејакулацијата и да се пролонгира општењето до бесконечност; второ, откако ќе се совлада првата фаза, да се стекне способност со која ќе се помине низ оргазмичката екстаза без да се ејакулира. Таа опишува слични практики на самоконтрола, кои важат и за жената. На крајот, третиот степен наложува „сплотеност со Господ како трет партнер во брачното соединување“. Овој степен, исто така, има две фази: првата е да се исполни должноста за аспирирање кон сплотеност со „Големиот Мислител“ во текот на сексуалната екстаза; и втората е да се постигне состојба на радост, која се наголемува и кон „Големиот Мислител“ и кај партнерите преку ваквото сплотување. Мене ова ме потсетува на делот од Книгата на Законот каде се вели: „ Јас сум над вас и во вас. Мојата екстаза е во вашата. Мојата радост е да ја гледам вашата радост“.

Некои од вас може да ги препознаат овие термини во книгата од Луис Кулинг насловена како „Сексуална Магика“. Луис ја споменува Кредок во воведот, иако се чини дека не ѝ го дава заслуженото признание, бидејќи таа всушност му го обезбедила целиот систем!

Конфликтот на Ајда со нашето пуританско општество започнал во 1893, кога таа присуствувала на една изведба во Светското Колумбиско Изложување во Чикаго. Шоуто било наречено “Dance du Ventre” (Стомачен танц на француски) и претставувало запознавање со оваа уметност во Америка. Природно, тоа станало многу популарно и го привлекло вниманието на човекот, познат како Антони Комсток. Тој бил основач на самопрогласениот полициски одред за морал наречен „Друштво за Истиснување на Пороци“. Комсток барал шоуто да се затвори. Кредок била љубопитна за да види зошто била сета врева, па отишла да го гледа шоуто. Таа одлучила дека непристојните брановидни движења на стомачните танчерки, всушност, се изрази на сексуална самоконтрола, па како такви треба да се научат и препорачаат за мажените жени како би го подобриле нивниот сексуален живот. (Кредок подоцна ќе забележи во нејзиниот дневник дека таа користела разновидни “Dance du Ventre” техники во нејзиното општење со ангелскиот сопруг Соф). Ајда напишала една статија во која го брани шоуто со гореспомнатото тврдење и ја објавила во журналот „the World” (Свет). Комсток ја нападнал статијата на Кредок и ја прогласил за срамна, па го спречувал нејзиното ширење преку Американската пошта.

Во 1894, мајката на Ајда била вклучена во заговорнички обид за да се однесе Ајда во лудница. Таа ветила дека ако успее ќе ги изгори сите дневници и ракописи на Ајда. Ова ја натерало Ајда во 1895 да ги испрати сите свои документи на еден уредник на журнал во Англија, кој се викал В.Т. Стед. (Ова е среќна околност за нас, бидејќи тоа овозможило Теодор Шредер да ги поврати во 1914 кога се заинтересирал за случајот на Ајда Кредок и на тој начин тие завршиле на крајот во Специјалната Колекција од Универзитетот на Јужен Илиноис). Во еден период во 1898, нејзините непријатели успеале да ја однесат Ајда во Пенсилваниската Болница за душевно болни, но таа била отпуштена по 3 месеци без да биде воопшто законски прогласена како луда од судот.

Во меѓувреме, откако не успеал да го затвори “Dance du Ventre” (тоа било премногу популарно) и засрамен дека бил крајно неуспешен против напорите од Ајда да го одбрани, Комсток започнал да ѝ се одмаздува на Кредок и се обидувал да причини нејзино судско прогонување заради бесрамности. Неговиот прв обид бил во 1899, кога Ајда била уапсена и обвинета заради испраќање копии на нејзиниот памфлет “Правилно Брачно Живеење“ преку пошта. Таа успеала да не влезе во затвор само затоа што познатиот адвокат по кривично право и застапник за слободен говор, Кларенс Дароу ѝ ја платил нејзината кауција. (Дароу е најмногу познат како бранител во Мајмунскиот Случај на Скоупс -Scopes Monkey Trial – во кој се забранувало предавањето на Дарвинизмот во јавните школи).

Наскоро по ова, Ајда се пресели на Комстоковиот домашен терен т.е. во Њујорк и продолжи да ги нуди своите услуги и да ги испраќа преку пошта своите памфлети до нејзините клиенти. Изгледа како таа да сакала намерно да го предизвика Комсток, та има запишано: „ Имам чувство дека навистина сум божествено доведена овде во Њујорк за да се соочам јавно, на суд, со овој злобен и расипан човек Комсток“. На 5 март 1902, Ајда беше уапсен во Њујорк според законот за против-бесрамност заради испраќање копии од Брачната Ноќ преку пошта. Судијата дури и одби да и дозволи на поротата да го погледне навредливиот документ, нарекувајќи го „неописливо бесрамен“. Поротата го зеде зборот на судијата здраво за готово и ја прогласи Кредок за виновна, како што е известено, „без да ги напуштат седиштата“. Таа беше осудена на три месеци во градскиот казнено-поправен дом каде имаше нечовечки услови и сурово третирање. Во текот на сиот тој период, поддршка се слеваше од адвокатите на слободниот говор, издавачите, лекарите и клиентите, но безуспешно. При нејзиното отпуштање од затворот, таа веднаш беше повторно уапсена според федералниот Комстоков закон. Таа одби понуда да избегне затворска казна преку изјаснување дека е луда. Утрото кога требаше да биде осудена, таа изврши самоубиство со сечење на вени и вдишување природен гас.

Ајда остави писмо за јавноста, во кое стои: „Си го одземам животот, бидејќи судијата, по барање на Антони Комсток, ме прогласи за виновна за злодело кое не го сторив – циркулирање на бесрамна литература. Можеби во мојата смрт, повеќе одошто во мојот живот, Американскиот народ ќе биде шокиран откако ќе ја испита ужасната состојба на работите, која дозволува оној дволичен сексуален хипокрит Антони Комсток да станува сѐ поголем[5] и поарогантен и да гази врз слободите од другите луѓе, нарушувајќи го (како во мојот случај) истовремено и правото на слободно религиозно изјаснување и правото на слобода на печатот“. Во подолго писмо до својата мајка, таа напишала: „Го задржувам моето право да умрам онака како што живеев, како слободна жена, без да бидам присилена на молк од кое било друго човечко битие“.

На крајот, негативниот публицитет што се создаде од Комстоковото прогонство на Ајда до нејзина смрт, го означи крајот на влијанието од Друштвото за Истиснување на Пороци. Дневниот печат го осуди Комсток, па донациите на Друштвото нагло се скратија. Еден по еден, основачите на Друштвото изумреа, а влијанието на Комсток оттогаш стана сѐ побезначајно.

Доаѓа Теодор Шредер, адвокат на слободниот говор од Њујорк, со аматерски интерес по психологија. Тој се заинтересира за случајот на Ајда, отприлика 10 години по нејзината смрт. Тој започна да го истражува нејзиниот живот и успеа да лоцира и собере голема количина на нејзини писма, дневници, ракописи и друг печатен материјал. Алистер Кроули беше запознат преку кореспонденцијата на Шредер со заеднички пријател. Во 1914, една од првите работи кои Кроули ги направи кога пристигна во Америка беше пишувањето писмо на Шредер, во кое стои: „Уважен Господине: Јас пристигнав. Дали сакате да се видиме? Искрено ваш, Алистер Кроули“. Во еден момент, Кроули дури и му понуди на Шредер VIIo во О.Т.О (само за третина од цената!), бидејќи Шредер беше заинтересиран за некои „тајни документи“, кои Кроули не можеше да му ги даде доколку тој не беше обврзан со тајност. Следното издание на Еквинокс содржеше рецензија на Небески Младоженци. Мислам дека со сигурност може да се претпостави дека Кроули имал пристап до Психичко Сопружништво, воедно и до другите необјавени ракописи.

Како признание за нејзината посветеност на принципите на Телемитска слобода, како и заради нејзиниот придонес во истражувањето на полето од езотеричната сексуалност, Големиот Мајстор Сабазиус неодамна ја воведе Ајда Кредок во Редот на Орелот, за да биде признаена со почести во Американската Голема Ложа на Ordo Templi Orientis.

Исто така Големата Ложа ја постави веб-страницата (http://www.idacraddock.com) за да ги направи достапни списите на Ајда Кредок, вклучувајќи ги Heavenly BridegroomsPsychic Wedlock, и други дела. Идни истражувања и планови за следни објавувања, исто така, се во тек.

Референци

  • Bates, Anna Louise. Weeder in the Garden of the Lord: Anthony Comstock’s Life and Career. Lanham, MD: University Press of America, 1995.
  • Craddock, Ida.
    • Heavenly Bridegrooms. Ts., spec.coll., University of Southern Illinois.
    • Lunar & Sex Worship. Unpublished ts., spec.coll., University of Southern Illinois.
    • Psychic Wedlock. Ts., spec.coll., University of Southern Illinois.
    • The Marriage Relation. Ts., spec.coll., University of Southern Illinois.
    • Right Marital Living. Pamphlet, spec.coll., University of Southern Illinois.
    • Sex Worship (continued). Unpublished ts., spec.coll., University of Southern Illinois.
    • The Wedding Night. Pamphlet, spec.coll., University of Southern Illinois.
  • Culling, Louis T. Sex Magick. St. Paul, MN: Llewellyn Publications, 1988.
  • Crowley, Aleister. The Equinox, Volume III, Number 1. New York: Samuel Weiser, 1972.
  • Motta, Marcelo Ramos. The Equinox, Volume V, Number 4. Nashville, TN: Thelema Publishing Company, 1981.
  • Petersen, James R. The Century of Sex: Playboy’s History of the Sexual Revolution, 1900-1999. New York: Grove Press, 1999.
  • Stockham, Alice B. Karezza: Ethics of Marriage. Mokelumne Hill, CA: Health Research, n.d.
  • Stoehr, Taylor. Free Love in America: A Documentary History. New York: AMS Press, 1979.


[1] Heavenly Bridegrooms, Craddock, Ida.

[2] Psychic Wedlock. (Психичко или Спиритуално).

[3] Lunar & Sex Worship

[4] тн. легален формат, legal-size. Северноамерикански формат 215.9 × 355.6 mm, нешто поиздолжен од А4.

[5] т.е. позгоен (алузија на Второзаконие 32:15)

Back To Top